Претседателот на босанскиот ентитет Република Српска (РС) Милорад Додик, кој е на листата на санкции на САД и Велика Британија, на 21 февруари се сретна со претседателот на Русија Владимир Путин во Република Татарстан, која е дел од Руската Федерација, јавува Радио-телевизијата на Република Српска (РТРС).

Како што е соопштено од јавниот сервис, Додик му рекол на Путин дека Република Српска одбива да се приклучи на западните санкции против Русија и оти не сака да влезе во НАТО.

Ги потврдуваме добрите односи што Република Српска ги има и ги негува кон руската држава и кон вас. Она што го правиме во сегашните околности е дека отфрламе секаква можност за приклучување на западните санкции против Русија“, рекол Додик.

Новинската агенција Срна пренесува дека Путин рекол оти посетата на Додик ќе биде „корисна“, и дека му е благодарен што одржува редовни контакти.

Редовно не посетуваат претставници на раководството на Република Српска. Ние соработуваме со вас на различни полиња. Сигурен сум дека и оваа ваша посета ќе биде корисна и дека ќе успееме да го искористиме времето за да разговараме за билатералните односи во низа области“, рекол Путин.

На почетокот на средбата Путин најави дека има намера да разговара со Додик за билатералните односи, за ситуацијата во Република Српска и посочи дека „Русија знае дека ситуацијата не е едноставна“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.