Членот на Претседателството на Босна и Херцеговина Милорад Додик го поддржа останувањето на Мисијата на ЕУФОР во земјата.

По состанокот со генерал-полковник Брис Худет, оперативен командант на мисијата ЕУФОР Алтеа во БиХ, Додик на Твитер напиша дека разговорот бил отворен и директен.

„Дополнително ја разбрав улогата на мисијата Алтеа и нејзината улога во БиХ ја има мојата поддршка сега и во иднина“, напиша Додик.

„Доколку дојде до застој во одлучувањето во Советот за безбедност, сметам дека Претседателството на БиХ треба да побара од ЕУ Алтеа да ја продолжи својата мисија во БиХ“.

Мандатот на ЕУФОР во БиХ последен пат беше продолжен во ноември минатата година.

На почетокот на годинава Додик во неколку наврати изјави дека ќе биде против ново продолжување на мандатот.

Ставот на Додик е различен од оној што го искажа на крајот на април, кога рече дека повеќе нема да го поддржува продолжувањето на мандатот на ЕУФОР, чии војници, како што рече тогаш, патролираат по градови, „доаѓаат со оклопни возила пред училишта, градинки и институции“.

Додик денеска разговараше и со шефот на Делегацијата на ЕУ во БиХ Јохан Сатлер, за, како што наведе, „модалитетите што би можеле да го забрзаат“ пристапувањето на БиХ во ЕУ.

„Република Српска и БиХ имаат намера да станат членки на Европската унија. Го запознав Сатлер за модалитетите што би можеле да го забрзаат тоа“, напиша Додик.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.