Ненад Периш, таткото на исчезнатиот Хрват Матеј Периш, кој ненадејно го снема во Белград ноќта меѓу 30 и 31 декември, за хрватските медиуми вели дека сите во семејството тешко се справуваат со тоа што потрагата по Матеј завршила трагично

Го спакував куферот и одам да го земам син ми во Белград. Утринава ми се јави началникот на белградската полиција и ми рече дека е пронајдено тело низводно од Панчевскиот мост и дека облеката одговара токму на онаа која ја носел Матеј. Денеска, или најдоцна утре ќе бидат познати резултатите од обдукцијата и ДНК анализата. Но, верата ме учи дека ова не е крајот и дека еден ден ќе се видиме (со Матеј) – изјави Ненад за ЈутарниЛист по телефон.

Париш рече дека е поддржан од хрватското МВР, Хрватската амбасада во Белград, премиерот Пленковиќ, а белградскиот архиепископ исто така му испратил порака за поддршка и рече дека се слушнал со отец Илија од парохијата на Свети Антониј.

Сите тие изразија сочувство и понудија помош. Искрено им благодарам на сите граѓани на Хрватска, Србија, на сите кои сочувствуваа со нас и се молеа за Матеј. Им благодарам и на полицијата во Србија и во Хрватска за нивниот професионален и хуман однос цело време, како и на Српската православна црква – рече Ненад Периш со треперлив глас.

Тој кажа и дека сѐ уште не се слушнал со пријателите на Матеј кои биле со него во Белград и дека пред да замине за Белград требало да договори некои формалности околу неговото враќање во Сплит. Иако денешната потрага по телото во Дунав кај Ада Хуја потенцијално ја заврши потрагата по Матеј Периш, тоа не значи дека полициската истрага е завршена.

Очекувам дека полицијата, како и досега професионално, ќе се обиде да утврди зошто се случило исчезнувањето и што точно се случило. Но, она што е најважно во овој момент е дека Матеј е пронајден. Тешка и болна е таа вистина, но ние сме таму каде што сме – го заврши разговорот Ненад Периш и уште еднаш им се заблагодари на сите што цело ова време сочувствуваа со семејството.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.