Александар Вулин поднесе оставка од функцијата директор на Безбедносно-информативната служба (БИА) на Србија под притисок на Европејците и Американците, изјави за РСЕ Даниел Сервер, професор на американскиот универзитет Џон Хопкинс, јави дописникот на МИА од Белград.

Тој смета дека неговата оставка не претставува отстапување на политиката на Србија во поддршка на Русија, туку обид да се избегнат дополнителни санкции.

-Тој поднесе оставка под притисок на Европејците и Американците. Но, фактот дека беа потребни три месеци, а не три дена, покажува дека имало вистински отпор од претседателот (на Србија) Александар Вучиќ, кој го дели светогледот на Вулин и српската амбиција за политичка контрола на српското население во соседните земји, ка Сервер.

Во одговор на прашањата на РСЕ, Сервер оцени дека Вашингтон ќе ја поздрави оставката на Вулин, додека Москва ќе биде незадоволна.

-Мислам дека не треба лично да се обвинува за штетата што е направена. Колку што разбрав, во БИА длабоко се навлезени Русите. Врската со Москва Вулин ја дозволи и ја негуваше, но и други во БИА кои се уште се таму. Русите и Американците знаат дека Вулин не е единствениот руски човек во БИА.

Во поглег дали оставката на Вулин ја отстранила можноста за руско влијание врз тајната служба во Србија,Сервер кратко одговори: Не, очигледно не.

Александар Вулин, директор на Безбедносно-информативната агенција на Србија (БИА), поднесе оставка од таа функција на 3 ноември.

Тој изјави дека САД и ЕУ „ја бараат неговата глава како предуслов за да не се воведат санкции кон Србија“.

Во јули, САД го ставија Вулин на списокот со санкции поради наводна корупција и вмешаност во трговија со дрога и врски со Русија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.