Првата и втората политичка сила во Бугарија – ГЕРБ и „Продолжуваме со промената – Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ) ги обновија меѓусебните преговори и разговараат за состав на редовна влада.
Ова се случи откако во саботата ГЕРБ ги замрзна преговорите со ПП-ДБ по протечената снимка од состанокот на ПП и најави дека може да ги обнови, но под нови услови.Вчера, од ГЕРБ номинираната за премиер Марија Габриел изјави дека разговори може да има, „само ако се преиспитаат форматот, составот, личностите, моделот, принципите и довербата“. Следуваше сигнал од ПП-ДБ дека тоа не е исклучено. Преговорите продолжија денеска, јавуваат бугарските медиуми.
Затоплувањето на односите меѓу двете формации доаѓа само неколку часа откако обвинителството објави дека бара одземање на пратеничкиот имунитет на лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов. Градското обвинителство побара од главниот обвинител Иван Гешев да иницира одземање на пратеничкиот имунитет на Борисов поради аферата „Барселонагејт“. Причина за тоа е собирањето податоци за перење пари, за што треба да се истражи лидерот на ГЕРБ. Случајот се однесува на куќа во Барселона во која живеела поранешната манекенка Борислава Јовчева. Од доказите може да се заклучи дека поранешниот премиер на трети лица им обезбедувал средства стекнати како резултат на сторено кривично дело за купување и закуп на недвижен имот во странство, посочуваат од градското обвинителство, пишува бугарскиот портал Медиапул.
Што се однесува на денешното затоплување на односите, до него дојде откако утрово се сретнаа претставници на ГЕРБ и ПП_ДБ во кабинетот на претседателот на бугарскиот парламент Росен Желјазков и со часови разговараа за влада со втор мандат. Според Медиапул, во тој период во просторијата влегувале и излегувале различни учесници – Бојко Борисов, Марија Габриел, Томислав Дончев, Росен Жељазков, Николај Денков, Кирил Петков, Асен Василев, Христо Иванов, Атанас Атанасов и Владислав Панев.
По три часа од почетокот на средбата, пред новинарите се обрати Николај Денков, предложен од ПП-ДБ за премиер, кои најавија дека со ГЕРБ разговараат за составот и структурата на кабинетот.
„Има два елементи. Еден е да се осигураме дека нема да има проблеми со администрацијата. Го подготвуваме соодветниот документ за да бидат мирни сите што се загрижени. А вториот, се разбира, е кадровската екипираност. Работиме на двете, рече тој.
Денков најави дека „нема да има министри од ГЕРБ како министри од ГЕРБ“, но од неговите зборови се сфати дека е можно да има експерти предложени од партијата на Бојко Борисов.
„Како предлог прифаќаме експерти од секаде. Можете и вие да ни предложите. Прашањето е кои се најдобрите луѓе за позициите“, рече тој како одговор на прашањето дали е можно во кабинетот да има експерти предложени од ГЕРБ. .
Денков ги повика и медиумите да ги остават ПП-ДБ и ГЕРБ „да си ја завршат работата“.
Се очекуваат промени во составот на проектниот кабинет претставен пред еден месец од ПП-ДБ со втор мандат во насока на замена со експерти, коментира за бТВ копретседателот на ДБ Атанас Атанасов. – Овој список ќе ни биде доставен, ќе разговараме и ќе го ставиме на гласање. Нормално дека мора однапред да биде усогласен и со Марија Габриел“, коментира Атанасов.
Според него, постапките на обвинителството против Борисов не се пречка за преговорите за формирање влада
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.