Министерот за надворешни работи Ивица Дачиќ изјави дека „Србија на средбата во Охрид успеала да ги заштити своите национални интереси со мудрата политика на претседателот Александар Вучиќ“ и додаде дека „Србија мора да води дијалог и да ги нормализира односите со Приштина, држејќи се до нејзините црвени линии“, јави дописникот на МИА од Белград.

Дачиќ за ТВ Пинк изјави дека во саботата на средбата во Охрид се било направено во согласност со државната политика на Србија и обезбедување на нејзиниот понатамошен европски пат.

Постоеше опасност Србија да биде обвинета за пропаѓање на дијалогот, ќе потсетам дека Албин Курти инсистираше на меѓусебно признавање, најави дека никогаш нема да ја прифати Заедницата на српските општини, наведе милион услови за таа да се формира, рече Дачиќ.

Тој додаде дека во Охрид не е преземена никаква законска обврска што е против интересите на државата.

Дачиќ кажа дека Вучиќ никогаш не го употребил терминот „прифаќање на договорот“, туку дека е воспоставена согласност да се работи на имплементација на принципите од тој договор, притоа придржувајќи се до црвените линии, кои подразбираат дека нема признавање на независноста на Косово и неговиот прием во ОН.

– Претседателот не го потпиша договорот. Имавме можност од 2012 година да направиме нешто на штета на Србија ако сакавме. Треба да го искористиме овој момент и оваа позиција, која за нас е таква што ништо не сме направиле на наша штета, а го добивме формирањето на ЗСО, рече Дачиќ.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.