Министерот за надворешни работи и претседател на Социјалистичката партија на Србија (СПС) Ивица Дачиќ изјави дека Србија нема да воведе санкции против Русија додека таквата одлука не служи за зачувување на националните интереси на земјата.

Дачиќ во интервју за агенцијата Бета рече дека во овој момент воведувањето санкции против Русија не е во интерес на Србија, бидејќи, покрај економските, може штетно да се одрази и на политичката поддршка кога е во прашање Косово.

На прашањето дали во последните неколку месеци има пресврт во политиката на СПС кон Русија и дали остава можност Србија да воведе санкции кон Руската Федерација во 2023 година, Дачиќ рече дека нема промена во односот.

Ние ја сметаме Русија за пријателска земја, со која имаме длабоки историски, културни и други врски. Не се согласуваме со нејзината операција во Украина, што е содржано и во позицијата на нашата земја пред ОН. Но, исто така веруваме дека не треба да воведеме економски санкции, бидејќи ние сме единствената земја во Европа која искусила такви мерки и добро знаеме дека тие не решаваат политички проблеми. Србија само ќе си го следи својот интерес во оваа работа, како и досега. А тоа значи дека нема да дозволиме нашите граѓани, економија и развој да трпат за ништо, бидејќи ниеден интерес не е поголем од тоа, рече Дачиќ.

Запрашан дали постои можност Србија сепак да воведе санкции кон Руската Федерација, Дачиќ рече дека политиката на Србија се заснова на сопствените интереси.

„Нема причина да го смениме нашиот став дека воведувањето санкции против Русија ќе го оцениме во согласност со нашите интереси. Во моментов тоа не е наш интерес, бидејќи, покрај економски, може да има и штетно влијание врз политичка поддршка кога станува збор за Косово“, рече тој.

На прашањето каков интерес може да има Србија за воведување санкции кон Русија, Дачиќ рече дека прашањето се границите до кои може да се издржат западните притисоци од тој вид.

Како што рече претседателот на Србија (Александар Вучиќ), ќе ја процениме границата до која можеме да издржиме притисок од тој тип. Границата е кога тоа би станало неподносливо за Србија, нагласи шефот на дипломатијата.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.