Двајца свештеници од грчката Католичка црква и петмина сопственици на ноќни клубови на Пелопонез се под истрага за проневера и перење пари, по случајот откриен од Управата за спречување на перење пари, јави дописничката на МИА од Атина.

Според грчките медиуми, истрагата започнала кога по рутинска и случајна ревизија било откриено дека од касата на Католичката црква, за која биле одговорни двајцата свештеници кои имаат високи позиции, недостигаат околу три милиони и во изминатите седум-осум години биле „инвестирани“ во ноќни клубови, односно префрлани на сметките на сопствениците, а последниот трансфер на пари бил пред неколку дена со префрлени 50.000 евра.

За случајот, двајцата свештеници се под истрага за проневера, а сопствениците на ноќните клубови се осомничени за перење пари.

Од Католичка црква на Грција соопштија дека немаат официјални информации за натписите во медиумите за проневера и перење пари и дека очекуваат да бидат информирани од надлежните органи за да можат да излезат со официјален став за конкретното прашање



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.