Осум процентни поени е разликата меѓу грчката владејачка партија Нова демократија и опозициската СИРИЗА по завршувањето на Меѓународниот саем во Солун и говорите на премиерот Киријакос Мицотакис и лидерот на опозицијата Алексис Ципрас, според истражувањето на јавното мислење во Грција на агенцијата „Pulse“ за грчката телевизија Скај, јави дописничката на МИА од Атина.
Анкетата била спроведена во три дела, пред почетокот на Саемот, по обраќањето на Мицотакис и по говорот на Ципрас.
Пред говорот на грчкиот премиер, разликата меѓу двете партии била 7,5 процентни поени, по обраќањето се зголемила на 8,5 отсто, а по говорот на лидерот на СИРИЗА се намалила на 8 процентни поени.
По завршувањето на Меѓународниот саем во Солун, Нова демократија е прва со 34,5 отсто, СИРИЗА втора со 26,5 проценти, ПАСОК е на третото место со 12 отсто, а потоа следат Комунистичката партија, Грчко решение и МЕРА25.
На прашањето кој е посоодветен за премиер, Кирјакос Мицотакис е во предност пред Алексис Ципрас, како пред, така и по завршувањето на Саемот со разлика од 11 отсто, додека пак 29 проценти од анкетираните одговориле „ниту еден од двајцата“.
Истражувањето било спроведено на 8 и 9 септември, од 12 до 15 и од 18 до 20 септември 2022 година.
Во првиот дел биле анкетирани 1.006 лица со право на глас, во вториот дел 1.105, а во третиот 1.012 лица.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.