Генералната секретарка на опозициската Демократска партија на Косово, Влора Читаку, ги обвини премиерот Албин Курти и министерката за надворешни работи на Косово, Доника Грвала дека „ја камуфлираат партиската агенда како официјална и владина работа“, јави дописникот на МИА од Приштина.

Читаку на денешната прес-конференција рече дека Курти и Грвала отворено ја злоупотребуваат својата политичка моќ со парите на даночните обврзници за да спроведуваат партиска кампања во дијаспората.

„Последниве денови косовскиот премиер и министерката за надворешни работи отворено ја злоупотребуваат нивната политичка моќ, парите на даночните обврзници и нашите институции за да спроведуваат партиска кампања во дијаспората. Оваа влада – избрана да им служи на граѓаните, сега државата и нејзините ресурси ги претвора во алатки за партиски придобивки“, рече Читаку.

Повикувајќи ги премиерот и шефицата на дипломатијата да не ги користат дипломатските претставништва за партиски и изборни цели, поранешната амбасадорка на Косово во САД изјави дека нивното однесување е „неприфатливо и срамно“.

„И, пред сè, тоа е манипулација на нашата дијаспора, која заслужува почит и чесност, а не ниски политички шеми. Нашите сонародници во иселеништво покажаа непоколеблива посветеност на Косово во минатите децении. Тие заслужуваат почит, а не манипулација“, рече Читаку.

Таа напомена дека Курти и Грвала вршат притисок врз косовските дипломати во светот, принудувајќи ги да организираат предизборни собири под превезот на државна работа.

„Дипломатите, кои треба достоинствено и непристрасно да му служат на секој граѓанин, се принудени да организираат партиски собири, злоупотребувајќи ги службените должности и државните ресурси. Оваа манипулација со моќта е буквално злоупотреба. Затоа, денеска апелирам до секој дипломат што ја претставува Република Косово: Не подлегнувајте на оваа злоупотреба. Не дозволувајте да бидете искористени како инструмент во кампањата на оваа влада. Запомнете, вие сте претставници на Косово, а не претставници на една партиска агенда“, порача Читаку.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.