Двегодишната битка за одбрана на бугарската позиција во историските спорови со Македонија стигна до прва победа, соопшти бугарскиот Национален круг „За Македонија“, платформа во која членуваат бугарски професори – историчари и лингвисти, објавува Дојче веле.

Победа за бугарската историска наука! Двегодишната битка за одбрана на бугарската позиција во однос на историските спорови со  Македонија стигна до првата победа! Колегите во Скопје официјално го признаа очигледното, што и тие го знаеја всушност многу добро. Цар Самуил е бугарски цар, учениците на Кирил и Методиј на покана на кнезот-покрстител Борис-Михаил го шират нивниот збор низ Бугарското царство, Преслав и Охрид се бугарски книжевни центри. Сето тоа треба да биде запишано во учебниците на децата во РМ, се вели во изјавата на „Националниот круг за Македонија“ што ја пренесуваат бугарските медиуми.

Станува збор за групата бугарски научници кои го посетија Европскиот парламент во Стразбур „за да ја бранат бугарската позиција“ од „заканата на македонизмот“. Ставовите што ги презентираат овие професори се идентични со оние на бугарскиот претседател, Румен Радев.

Не треба да дозволуваме легитимација на македонизмот и на идеологии од поранешна Југославија и Коминтерната да си најдат место во ЕУ, велат тие и инсистираат дека „во РМ нема бугарско малцинство, туку бугарско мнозинство“.

Се надеваме дека и понатаму ќе продолжиме да ги браниме бугарските интереси во споровите за јазикот и за личности како браќата Миладиновци и Гоце Делчев, порачуваат од Националниот круг „За Македонија”.

Министерствата за надворешни работи на  Македонија и на Бугарија вчера ги објавија усогласените препораки на заедничката Комисија за историски и образовни прашања. Како што е познато, станува збор за две групи препораки – за заедничко чествување на пет личности и пет препораки за учебниците по историја за петти клас во Бугарија и за шесто одделение во  Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.