„Очекувам искажаната желба за дијалог од страна на претседателката на Република Македонија, Гордана Силјановска, да стане конзистентна политика“, вака им порачал бугарскиот претседател Румен Радев на бугарските медиуми во пресрет на денешната средба со неговата македонска колешка.

Како што се додава, Радев очекува „Македонија да ги исполни сите обврски што ги презеде на билатерална основа и кон Европската Унија, за да можеме целосно да ги градиме нашите односи“.

 

 

Сепак, шефот на бугарската држава истакнал дека Македонската влада „се уште не ја напуштила предизборната реторика“.

„Нека се смират страстите и нека се вратат на реализмот, кој е многу јасен – нашите односи ќе продолжат да се градат врз основа на склучените договори и заклучоци на Советот на Европската Унија“, рекол Радев.

Тој посочил дека музиката и културата се сфери што ги зближуваат луѓето, а Бугарија отсекогаш била отворена за дијалог со Македонија.

„Бугарија очекува овој дијалог не само да помогне во нашето културно зближување, да даде поттик на економската соработка и туризмот, туку и конечно да ги реши отворените проблеми меѓу нас“, посочил Радев.

Тој прокоментирал и дека посветеноста на македонските власти кон Коридорот 8 „ќе биде јасен показател за реалните европски амбиции на Република Македонија за поголема поврзаност и безбедност во регионот“.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.