Премиерката Ана Брнабиќ стави резерва на декларацијата на ЕУ Самитот „ЕУ-Западен Балкан“, со која се заштитуваат интересите на Република Србија, а во резервата јасно е ставено до знаење дека Косово останува составен дел од Република Србија согласно Резолуцијата 1244 на ООН, соопшти Владата на Србија.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, во соопштението се наведени јасните црвени линии на Србија, а тоа се „непризнавањето на Косово и Метохија и неприфаќањето на Косово и Метохија како членка на Обединетите нации, како и членка на системот на организации и агенции на Обединетите нации“.
Република Србија, посветена на процесот на европска интеграција и преговори, генерално, со резерви, се усогласува со Декларацијата „Самит ЕУ-Западен Балкан, Брисел, 13 декември 2023 година“ како политичка изјава и правно необврзувачки документ, се наведува во текстот на резервата на Србија.
Се нагласува дека договорот за патот кон нормализацијата и неговиот придонес за имплементација, како што е наведено во оваа Декларација, се смета за прифатлив само во контекст кој не се однесува на какво било де факто или де јуре признавање на т.н. „Косово“.
Република Србија нагласува дека усогласувањето не значи признавање на членството на т.н. „Косово“ во ОН, системот на организации и агенции на ОН, ниту на т.н. територијалниот интегритет на т.н. „Косово“, се истакнува во текстот.
Се посочува дека Декларацијата не претставува правно обврзувачки договор според меѓународното право и дека усогласеноста со оваа Декларација не влијае на фактот дека Косово и Метохија останува составен дел од територијата на Република Србија под меѓународна администрација во согласност со Резолуција 1244 на Советот за безбедност на ОН од 1999 г.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.