Шефовите на дипломатиите на Германија и Австрија, Аналена Баербок и Александар Шаленберг, порачаа дека двете земји се за забрзување на надворешната политика на Европската Унија и сметаат дека на Западен Балкан треба да му се овозможи европска перспектива.

Тие двајца во Берлин изјавија дека двете земји се договориле за Западен Балкан, нарекувајќи го „предворје на Европа“, а Шаленберг нагласи дека меѓу Германија и Австрија постои обврска да внимаваат на регионот.

Берлин и Виена бараат поголема брзина во надворешната политика, вклучително и итна потреба од европска перспектива за Западен Балкан – истакна Барбок.

Австрискиот министер изрази посебна загриженост за ситуацијата во Босна и Херцеговина.

Територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина не е предмет на преговори. Западен Балкан е регион каде Австрија и Германија тесно соработуваат и каде што би можеле да настанат следните линии на раздор. Ако постои област каде Европа мора да дејствува заедно, тогаш таа е таму. Западен Балкан никогаш не смее да стане полигон за тестирање неевропски актери – нагласи Шаленберг, кој вчера во Берлин разговараше и со високиот претставник за БиХ, Кристијан Шмит.

Сепак, средбата меѓу Баербок и Шаленберг најмногу беше посветена на тензиите околу Украина и тие заклучија дека ЕУ мора да ја координира својата политика за решавање на таа криза.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.