Министерот за надворешни работи на Австрија, Александер Шаленберг, порача дека се надева дека на самитот на Европската Унија ќе има јасно упатен сигнал не само во правец кон истокот, туку и кон југоистокот на Европа.

Според Шаленберг, Украина не е во конкуренција со државите од Западен Балкан.

Се работи за веродостојноста на ЕУ во постигнувањето напредок и за државите од југоисточна Европа, што добија ветување од Унијата во Солун пред 19 години – смета Шаленберг.

Тој зборуваше и за давањето статус на кандидат на Босна и Херцеговина и на Косово.

Имам чувство дека го губиме Балканот – појасни австрискиот министер.

Шаленберг истака дека во Србија расположението кон ЕУ е понегативно од претходно.

Тоа не е дворот во задниот дел на Европа, туку во центарот. Затоа мора да дејствуваме. Тоа е нашата најважна стратешка задача што е пред нас – предупреди Шаленберг.

Тој истакна дека смета оти со учество на земјите од Балканот на советите на ЕУ и во фондовите може јасно да се покаже дека тие се пред влез во Унијата.

Не разбирам зошто Кина купува автопати во регионот, а ние тоа го набљудуваме. Понекогаш не ја разбирам нашата логика – истакна Шаленберг.

Тој додаде дека ако Европа делува силно во Украина и Молдавија, тогаш тоа мораме да го направи и на Западен Балкан.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.