На свечена манифестација, во присуство на атинскиот градоначалник во заминување Костас Бакојанис и стотици граѓани, вечерва на плоштадот Синтагма во центарот на Атина беше осветлена новогдишната 17-метарска елка со 24.000 светилки со што и официјално започна празничниот период, јави дописничката на МИА од Атина.
Присутните на централниот атински плоштад имаа можност да уживаат во традиционалното осветлувањето на елката кое беше проследено со свеченост и концерт, а дождот, непосредно пред Бакојанис да го притисне копчето за да се запалат светлата, не ги „избрка“ граѓаните.
Новогодишната елка е висока 17 метри и тежи пет и пол тони, а исто како и во изминатите години, во Атина пристигна од планинскиот град Карпениси.
Беше поставена во понеделникот и украсена со стотици лампиони и 24.000 лед светилки.
Осветлувањето на елката го означи и почетокот на празничниот период во Атина, а во следниот месец планирани се низа настани во речиси сите населби во грчката метропола.
Освен централниот плоштад Синтагма, украсени се 35 плоштади во сите седум општински заедници, поставени се десет божиќни села за децата, а на улиците во Атина, празничните светилки се во должина од околу 83 километри.
Осветлувањето на елката оваа година беше порано во споредба со лани и изминатите години, а денешната манифестација беше последната новогодишна организирана од актуелниот градоначалник на Атина Костас Бакојанис, со оглед на тоа што го завршува мандатот по поразот на изборите и од 1 јануари ќе стапи на фунлција новоизбраниот градоначалник Харис Дукас.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.