Американската стопанска комора во Косово (АЦЦК) изрази загриженост во врска со последните дејствија на косовската Влада, оценувајќи дека тие не се координирани со сојузниците и стратешките партнери, вклучувајќи ги САД и членките на Европската Унија, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во соопштението во врска со последните дејствија на Владата на косовскиот север, населен со мнозинско српско население, и меѓународните реакции на нив, АЦЦК потсетува дека „таквите активности предизвикаа загриженост кај државите кои цврсто го поддржуваа Косово во текот на неговиот пат до прогласувањето независност и во постојаниот процес на градење на државата“.
„Американската комора е особено загрижена за изјавите на главните партнери на Косово во врска со слабеењето на ентузијазмот за поддршка на евроатлантскиот пат на Косово и јакнењето на неговиот меѓународен субјективитет, вклучително и неговото членство во меѓународните организации. Неодамнешниот неуспех да се обезбеди членство во Советот на Европа е јасен пример за опаѓање на поддршката“, се вели во соопштението.
АЦЦК нагласува дека успехот на Косово на меѓународната сцена отсекогаш бил тесно поврзан со цврстите односи што ги негува со своите сојузници.
„Овие партнерства не само што ја зајакнаа политичката позиција на Косово, туку беа и од витално значење за поттикнување на економскиот раст. Кога Косово дејствува во согласност со очекувањата и упатствата на своите стратешки партнери, тоа испраќа силен сигнал за стабилност, сигурност и посветеност на заедничките вредности , квалитети кои се суштински за привлекување и одржување на инвеститори“, велат од Американската комора.
Таа смета дека овие акции ризикуваат да го изолираат Косово на меѓународната сцена и да ја ослабат неговата позиција во важните преговори.
„Тие исто така можат да создадат средина на несигурност што може да ги обесхрабри потенцијалните инвеститори, кои бараат гаранции дека политичката и економската клима е стабилна и предвидлива. Поддршката на меѓународната заедница е важна за напредокот на Косово и секое прекршување на оваа поддршка може да има далекусежни последици, како за дипломатските, така и за економските амбиции на земјата“.
Исто така, АЦЦК е „длабоко загрижена за дискурсот промовиран од Владата“ на премиерот Албин Курти, кој, според неа, „придонесува за поттикнување непријателски чувства кон меѓународните партнери на Косово“.
„Таквата реторика е опасна и може да ги поткопа силните проамерикански и прозападни чувства кои постојано се рефлектираат во анкетите на водечките организации, вклучително и најновата на Меѓународниот републикански институт. Секое влошување во овој поглед може да има сериозни импликации за иднината на Косово, додека актуелната влада мора да биде свесна дека ќе сноси директна одговорност за каква било ерозија на оваа доверба и поддршка кај населението“, порачаа од АЦЦК.
Американската комора ја повика Владата на Курти да се вклучи во отворен и искрен дијалог со своите меѓународни партнери.
„Американската комора силно верува дека Владата на Косово треба да му даде приоритет на кооперативниот пристап, користејќи ја моќта на своите сојузи. Со одржување на историскиот курс, кој беше изграден врз основа на доверба, дијалог и взаемно почитување со сојузниците, Косово може да продолжи да ги унапредува своите евроатлантски интеграции, да ја подобри својата меѓународна позиција и да создаде поповолна бизнис клима и инвестиции. Американската стопанска комора ја повика Владата на Косово да се вклучи во отворен и искрен дијалог со своите меѓународни партнери, осигурувајќи дека сите важни иницијативи се внимателно координирани, со цел да се заштитат долгорочните интереси на државата и да се зачуваат цврстите односи изградени низ годините“, соопшти АЦЦК.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.