Албанската влада, на последната седница за оваа година, донесе одлука за засилени безбедносни мерки за носители на високи функции на истражни и правосудни органи, како и неколку институции, за што ќе биде ангажирана Националната гарда.

Според одлуката на Владата, припадниците на гардата ќе се грижат за безбедноста на првиот човек на Националното биро за истраги, обвинителите и судиите на Специјалното обвинителство и Специјалниот суд против организиран криминал и корупција. Засилена заштита се воведува и пред Агенцијата за информатичко општество и Националната управа за електронска сертификација и кибер безбедност, објавија медиумите.

За спроведување на оваа одлука се задолжени Министерството за внатрешни работи и Гардата на Република Албанија, а одлуката стапува во сила по објавувањето во „Службен весник“.

Сепак, не се наведува од кои причини се засилуваат мерките за заштита, иако, дел од медиумите тоа го поврзуваат со повеќето случаи кои се под истрага или веќе пред судот за корупција.

Вечерта на 22 месецов, во автомобилот на Националната гарда, во кое било семејството на шефицата на Специјалниот антикорупциски суд, Ирена Ѓока, во месноста Селита во Тирана, удри автомобил со странски регистарски ознаки, а го управувал припадник на сообраќајната полиција од Елбасан, кој се правдал дека „виновник бил дождот и влажниот коловоз“. Во истрагата веднаш беа вклучени албанската тајна служба, ШИШ и Националната гарда.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.