Во извештајот посветен на Албанија, Европската комисија наведува дека владата во Тирана го задржала фокусот на реформите поврзани со патот на земјата кон Европската унија (ЕУ) и ја зајакнала својата координативна структура за интеграција во ЕУ.
Сепак, се очекува албанската влада да ја унапреди реформската агенда на ЕУ, вклучително и опозицијата и другите сегменти од општеството. Според експертите на ЕК, во Албанија продолжи сеопфатната реформа на судството, што резултираше со „добар севкупен напредок“.
Се наведува дека Високиот суд сега има 15 активни судии, што му овозможува за првпат по шест години, да го намали бројот на нерешени предмети и да започне со стандардизација на судската пракса и да именува судии на Уставниот суд.
„Меѓутоа, долгите процедури, ниската стапка на завршување и големиот број заостанати предмети продолжуваат негативно да влијаат на ефикасноста на судскиот систем“, се оценува во нацрт – извештајот до кој дојде Радио Слободна Европа (РСЕ).
Што се однесува до борбата против корупцијата, во извештајот се оценува дека Албанија ги продолжила напорите да го надградува својот учинок во истрагите, гонењето и пресудите во борбата против корупцијата и дала одредени резултати.
Се додава дека овие напори треба да продолжат и оти се потребни поголема политичка волја, натамошни структурирани напори и соодветни ресурси и вештини.
Резултати се препознаени и во борбата против организираниот криминал, каде се вели дека Албанија ги имала предвид минатогодишните препораки на ЕК.
ЕК позитивно го оценува напредокот на Албанија во областа на заплена и конфискација на имотот поврзан со организираниот криминал, но смета дека овие напори мора да продолжат и во иднина. Во документот, исто така, се додава дека треба да се продолжат напорите за да се обезбеди зголемено гонење и правосилни пресуди, особено на високо ниво.
Земјата доби лоша оцена за слободата на изразување, затоа што таму немало напредок.
Се оценува дека испреплетувањето на деловните и политичките интереси продолжило да ја попречува независноста на медиумите и квалитетот на новинарството.
„Дезинформациите, вклучително и кампањите за клевета, се повторуваат, особено во онлајн медиумите чија саморегулација треба да се обезбеди. Атмосферата на вербални напади, кампањи за клевета и заплашување на новинарите не е подобрена“, се подвлекува во извештајот на ЕК за Албанија.
Во однос на усогласеноста со европската надворешна политика, во извештајот се вели дека земјата ја задржала целосната усогласеност со сите релевантни одлуки и изјави, вклучително и рестриктивните мерки против Русија, поради војната во Украина.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.