По серијата напади, кои зачестија од пред две година, Албанија подготви нов закон со цел да го зајакне нивото на кибер безбедноста во земјата, со кој преку зголемување на капацитетите за спречување на софистицирани напади, планира да инвестира 111 милиони евра во следните пет години.

-Кибер-нападите се веќе многу софистицирани. Сегашните капацитети се недоволни да гарантираат високо ниво на безбедност во мрежите и информациските системи. Од витално значење е да се воспостави правна рамка во условите во кои се наоѓаме, а за да се одговори на зголемените напади, неопходно е да се воспостави современа правна рамка според директивите на ЕУ, изјави Игли Тафа, директор на Националната управа на седница на парламентарната законодавна комисија.

Албанија во последниве години се соочи со серија софистицирани кибер-напади за кои владата ја обвини Исламската Република Иран.

Во извештајот на компанијата „Мајкрософт“, која беше повикана од албанската влада да помогне во одбивањето и истрагата на сајбер-нападот врз Албанија, се вели дека успеала да пронајде четири групи напаѓачи поврзани со разузнавачките служби на Иран.

Како одговор на нападите врз владините мрежи од Техеран, официјална Тирана одлучи да ги прекине дипломатските односи со Иран во почетокот на септември 2022 година и им нареди на иранските дипломати и на вработените во амбасадата да ја напуштат земјата во рок од 24 часа.

Иранското Министерство за надворешни работи ги отфрли обвинувањата за нападот како неосновани, а одлуката за прекин на дипломатските односи како „краткогледа“.

Двете земји имаа тензични односи од 2014 кога Албанија прими 4.000 членови на протераната опозициска група Народна муџахединска организација на Иран, за кои изграден е посебен камп во близина на Драч.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.