Претседателот на Србија, Александар Вучиќ во обраќањето до јавноста по седницата на Советот за национална безбедност рече дека утрово ги слушал барањата на претставниците на Србите од Косово и сето она со кое се соочуваат, „особено во пресрет пред истекот на ултиматумот кој им е даден на Србите од режимот во Приштина“, кога станува збор за пререгистрација на возилата, јави дописникот на МИА од Белград.
Пред неколку дена добивме демарш, акт каде што ги примивме усогласените ставови на земјите од Квинта и ЕУ. Во тој акт, точка два од првиот дел, која се однесува на регистарските таблички, се вели дека треба да разбереме дека акцијата на Косово е легитимна и во согласност со договорот, дека е потребно Србите да имаат регистарски таблички РКС (Република Косово), бидејќи ние (Квинта и ЕУ) го поддржуваме независно Косово, но проблемот е во времето и методите, а тоа предизвикува нивна загриженост – рече Вучиќ.
„И денеска и тој ден им кажав на претставниците на Квинта и на ЕУ дека тоа не е вистина и дека ја залажуваат јавноста, дека се работи за ноторни лаги. Тие немаат право на тоа според ниту еден договор“, истакна Вучиќ.
Според него, Приштина планира да ги пушти лицата со КМ таблички да излезат од територијата на Косово и Метохија во Централна Србија, па да не им дозволи да се вратат, бидејќи немаат РКС таблички.
Да не им се дозволи повторно да влезат со тие таблички, тие едноставно не разбираат што произведуваат тогаш, затоа што мислат дека на територијата на Косово нема проблеми и дека тоа ќе биде лесна одлука и дека светот нема особено да им замери – рече Вучиќ.
Тој додаде дека акциите на Приштина ќе наидат на демократски отпор од српското население и дека Србија нема да дозволи прогон на српскиот народ.
Српскиот претседател зборуваше и за француско-германскиот предлог за Косово што и е понуден на Србија, осврнувајќи се на одредени негови точки. Во него, како што рече, се наведува дека страните се свесни дека неповредливоста на границите и почитувањето на територијалниот интегритет се основни услови за мир и дека двете страни ќе се водат од целите и принципите на Повелбата на ОН.
И се прашувате, дали некој се шегува или што? Бараат од нас да ги погазиме ОН и повелбата и принципите и резолуцијата 1244, за во иднина да го почитуваме она што тие не го направија во нашиот случај. Ако не, тогаш ќе ни следи тешко тепање – рече Вучиќ.
Зборувајќи за заклучоците на Советот за национална безбедност, Вучиќ рече дека е подготвен одговорот на француско-германскиот предлог. Тој истакна и дека Белград е подготвен да разговара за се.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.