На осомничените за убиството на двегодишната Данка Илиќ во соседна Србија им е одреден притвор до 30 дена, откако синоќа беа спроведени на распит во Вишото јавно обвинителство во Заечар.

Двајца осомничени за убиството во Бањско Поле кај Бор, Ј. С. (50) од село Лука и Д. Д. (50) од село Злот се товарат за кривично дело „тешко убиство во соизвршителство“. Осомничени се дека со автомобил го удриле девојчето, а потоа се договориле да го фрлат нејзиното тело.

Од српското бвинителство соопштија дека Д.Д. во целост го признал извршувањето на делото, додека Ј.С. се бранел со молчење.

По барање на обвинителството, судијата на претходна постапка на Вишиот суд во Зајечар на осомничените им одреди мерка притвор до 30 дена, поради опасност од бегство, можност за влијание врз сведоци и уништување или отстранување на трагите за кривично дело, како и поради вознемирување на јавноста – стои во соопштението.

Во натамошниот тек на постапката ќе бидат сослушани сведоци и ќе се извршат потребните вештачења, додаваат од обвинителството.

Според претходно познатите околности, телото на девојчето е фрлено на депонија. Но, и покрај интензивната потрага, телото сѐ уште не е пронајдено.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.