Седумнаесетгодишник од Билеќа е уапсен во Требиње откако објавил видео на социјалната мрежа „ТикТок“ во кое наведува дека во Средното медицинско училиште во Требиње треба да бидат убиени 12 лица, а 23 повредени, објави „Глас Српске“ од Бања Лука.

Тој синоќа е уапсен под сомнение дека сторил кривично дело „тероризам“, а утринава е изведен во Републичкото обвинителство каде ќе биде сослушан во присуство на неговите родители и вештаци, по што ќе се преземат дополнителни мерки против него.

Извор близок до истрагата изјавил дека видеото во полиција го пријавил маж од Босна и Херцеговина кој живее во Холандија.

„Веднаш по пријавата реагирале надлежните и малолетникот бил пронајден преку IP адресата и со тоа е спречена евентуална трагедија“, се наведува во текстот.

Полициската управа на Требиње соопшти дека денеска до Републичкото ОЈО е предаден малолетник од Билеќа, осомничен за сторено кривично дело „тероризам“.

„Полициските службеници дојдоа до оперативни сознанија дека едно или повеќе лица подготвуваат терористички акт во средно училиште во Требиње. Веднаш по сознанието е известено Специјалното одделение за сузбивање на корупција, организиран криминал и најтежок облик на економски криминал, под чиј надзор се извршени одредени истражни дејствија“, се вели во соопштението.

Истражните дејствија ја довеле полицијата до малолетникот од Билеќа, изјави началникот на полициската управа Требиње, Синиша Лакета.

Медиумите јавуваат дека младиот човек го објавил својот план за напад за време на разговор во живо на ТикТок. Објавил и список од 12 учении кои планира да ги ликвидира, а 23 би повредил.

На видеото се гледа дека тој во тетратка нацртал скица од училиштето со прецизен распоред на просториите, како и список на убиените по соба. Медиумите јавуваат дека полицијата при претресот на куќата го пронашла тефтерот. За време на најавата во живо, тој го покажал и пиштолот со кој го планирал нападот.

17-годишникот планирал да го изврши нападот утрово, а по масакрот најавил дека ќе се самоубие. Медиумите наведуваат и дека младиот човек признал дека го направил контроверзниот план за масакрот и дека објавил се на социјалната мрежа, но дека сето тоа било само шега.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.