Во таборот на двократниот европски шампион Вардар владее оптимизам пред враќањето на меѓународната сцена по двегодишна пауза.

„Црвено-црните“ утре го пречекуваат Валур од Исланд во првиот настап сезонава во Лига Европа.

Пивотот Милан Лазаревски посакува победа и радост за навивачите на Вардар.

– По две години пауза повторно сме присутни на европската сцена. Сметам дека групата во која играме е поволна за нас. Противникот ни е по мерка. Со оглед на домашниот терен ќе кажам дека ние сме фаворити. Имаме убава можност со победа да ја отвориме новата сезона во Евролигата и да ги израдуваме нашите навивачи.

Тренерот Владо Недановски претпазлив пред утрешното соочување со исландската екипа.

– За противник имаме млада и квалитетна екипа која преферира брз ракомет. Минатата сезона го освоија трофејот во третото по ранг европско натпреварување. Сепак ја преземаме фаворитската улога. Играме во наша сала, а секако и се работи за Вардар. Очекувам да ја запишеме првата победа во групата, изјави Недановски на денешната прес-конференција.

Тој за разлика од пивотот Милан Лазаревски смета дека групата и не е така поволна со оглед и на другите два ривала, Порто и Мелсунген.

– Лазаревски делува доста подготвен и затоа за него е групата поволна. Јас не се согласувам целосно со него, но можам да кажам дека групата е добра. Јас дури би го заменил и Валур со некое позвучно име со цел да се наполни „Јане Сандански“. Порто игра долги години во Лигата на шампионите, Мелсунген игра одлично во Бундеслигата, ама и Вардар не е за потценување, истакна Недановски.

Натпреварот ќе се игра утревечер од 20 часот и 45 минути во СЦ „Јане Сандански“ во Скопје.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.