Бранислав Ангеловски, тренерот на Еурофарм Пелистер пред денешниот дуел против ПСЖ на гостински терен во првото коло од групната фаза во Лигата на шампиони изјави дека француската екипа е еден од најсериозните кандидати за пласман на завршницата и дека кај неговиот тим има мотивација и желба за докажување.

-Гостуваме кај еден од најсериозните кандидати за место на завршниот турнир и фаворит за освојување на едно од првите две места во нашата група. ПСЖ е добро составена и селектирана од еден од најдобрите тренери во светот, Раул Гонзалез. Структурата остана иста, разликата на терен ја прави Лук Стеинс со играта во транзиција и нападот пред Шипжак, кој е еден од најдобрите кружни напаѓачи во светот. Наша обврска е да се претставиме во најдобро светло, колку е тоа можно во овој момент. Само така треба да ја гледаме нашата иднина во Лигата на шампионите. Еден ден и еден добар натпревар против ПСЖ, како минатата сезона, не може да гарантира дека повторно ќе одиграме добро. Но, мотивацијата ќе биде на наша страна, желни сме за докажување и сметам дека тоа ќе го покажеме, порача Ангеловски.

Левото крило на Пелистер, Богдан Радивојевиќ пред мечот против ПСЖ најави дека неговиот тим оди да се бори до крај против фаворитот.

-Се радуваме што повторно ќе играме со најдобрите екипи во светот и се надеваме на подобра сезона од претходната. Се надеваме и на некои бодови, посебно на домашен терен. Сите знаат каква екипа е ПСЖ. Сепак, не патуваме однапред да загубиме, ќе излеземе да се бориме, па што Господ ќе ни донесе. Од првата до последната минута мора да играме максимално. Минатата сезона на доста натпревари игравме добро, до крајот се броевме, но тоа не го наградивме со ниту еден бод. Искрено се надевам на поинаков биланс оваа година. Што се однесува до мене, може да играме и полошо, но да се наградиме со некои бодови. Спремаме, квалитетно и силно тренираме и верувам во успешна сезона, изјави Радивојевиќ.

Битолскиот состав втора година во низа ќе настапува во елитното натпреварување каде што ќе се обиде да го поправи впечатокот од минатата кога не освои ниту еден бод.

Натпреварот помеѓу ПСЖ и Еурофарм Пелистер се игра денеска во терминот од 20:45 часот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.