Машката сениорска репрезентација на Македонија ги доби ривалите во групата за Светското првенство 2025, на кое ко-организатори ќе бидат Данска, Норвешка и Хрватска.

Македонија ќе игра во групата Д што ќе се игра во Вараждин, па за очекување е избраниците на Кире Лазаров да имаат солидна поддршка од трибините.

Ривали на „црвено-жолтите“ ќе бидат репрезентациите на Унгарија, Холандија и дебитантот Гвинеја, а во главната фаза пласман обезбедуваат најдобрите три од секоја група.

Сениорите со пласманот на Мундијалот 2025 го продолжија континуитетот на големата сцена, па така Македонија следната година ќе го има деветтото учество на Светските првенства.

Нашата репрезентација најдобриот пласман на Мундијалите го има остварено во Катар (2015) кога во конкуренција на 24 репрезентации заврши на 9. позиција.

Мундијалот 2025 ќе се игра во пет градови – Осло, Хернинг, Загреб, Пореч и Вараждин од 14 јануари до 2 февруари.

Актуелен бранител на титулата ќе биде репрезентацијата на Данска, која во финалето на СП 2023 славеше против Франција со 34:29.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.