Македонската ракометна репрезентација потешко од предвиденото ја совлада Естонија со 37-33 (20-20), во првиот натпревар од евро-квалификациите. Натпреварот во СЦ „Борис Трајковски“ се играше пред неисполнета сала и со далеку подобри напади од одбрани на двете селекции.
Без Митревски и Талески и со Филип Кузмановски како нов капитен македонската селекција ги пречека мотивираните Естонци. Кизиќ почна меѓу стативите, а Павле Атанасијевиќ го отвори резултатот. Кузмановски со три седмерци се наметна и во четвртата минута веќе беше 4-1. Првиот погодок во националниот тим на официјален натпревар го постигна Петковски од крилната позиција за 7-4 во 10. минута.
Во ритам влезе и Марко Митев и со два гола во негов стил ја одржуваше разликата од 2-3 гола. Сепак, Тум и Варул полека ја разбиваа нашата одбрана и одржуваа мало заостанување. Мартин Серафимов со два гола одлично влезе во мечот, но Естонците лесно наоѓаа „дупка“ во нашата одбрана и постигнаа голем број на лесни голови. Јирген Роба од контра погоди за 16-15 во 23. минута. Естонската игра започна да загрижува и при 19-19 селекторот Лазаров повика тајм-аут. Со таква инерција заврши првиот дел, а Македонија на одмор заминаа без предност (20-20).
На почетокот на вториот дел Естонија првпат поведе и со брза игра започна да ги загрижува нашите фанови на трибините. Лазаров повика минута одмор во 40. минута на -2 и веднаш дојде реакцијата. Серафимов и Џонов погодија и брзо натпреварот пак дојде во егал. Кизиќ на голот и Џонов од транзиција ја вратија предноста и Јанар Маги повика тајм-аут. Серафимов со три гола и Кизиќ со две одбрани го вратија натпреварот во мирни води и во 47. минута Македонија веќе водеше со 31-28.
Со концентрирана игра во одбрана и гол на Велковски во 50. минута македонската селекција дојде до највисоки +5. Следеше нереализиран седмерец на Кузмановски и исклучување на Карасманакис и Естонците намалија на 34-31 во 55. минута. Без драма нашата селекција го одби последниот естонски напад и извојува победа од 37-33.
Најефикасни во нашиот национален тим беа Серафимов со десет и Митев и Кузмановски со по седум гола, а кај Естонија одличен натпревар одигра Карл Тум со единаесет погодоци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.