Македонскиот ракометен суперлигаш Алкалоид започнува со европските обврски. Тимот од Автокоманда ќе игра во ЕХФ Купот, каде ќе се соочи со литвански Драгунас Клаипеда. На прес-конференција пред мечот, најава за ривалот даде тренерот Кирил Лазаров.

Се наоѓаме пред еден нов предизвик во Европскиот куп. Конкретно, имаме еден ривал кој што можеби е неатрактивен за нас, кој е доста опасен. Се работи за незгодна школа, тим кој оваа година е воден од шпански тренер и полека од материјалите се гледа напредокот на Клаипеда. Ако направиме споредба, мислам дека, да не претерам, тие се подобрри за 35% и затоа сум доста внимателен во најавите, заедно со мојот тим и со моите играчи, затоа што системот на играње е дома-гости, не е групна фаза и треба да се биде доста претпазливи. Од она што го имаме како информација, се работи за тим кој дава многу голови, над 40 гола во поголемиот дел од натпреварите. Ривалот игра во силен ритам, без разлика на противникот. Ние сме цврсто на земја заедно со играчите, добро се подготвуваме и можам да ветам дека нема да го потцениме противникот. Очекувам квалитетен меч, убав ракомет за око. Испраќам покана до навивачите, да дојдат во салата Автокоманда и да бидат поддршка на овој млад и македонски тим, изјави Лазаров.

Тренерот на Алкалоид потоа направи анализа на ривалот кој следи.

Клаипеда е екипа за која најголема добивка е што е ангажиран тренер од Шпанија. Сами знаете дека тој шпански систем е модерен. Тимот има и интернационалци од Украина, два до три литвански репрезентативци. Но, тимот го краси колективен дух, игра со трчање и македонската јавност ќе може да види еден убав и квалитетен натпревар. Нема да бркаме разлика или нешто слично, не треба да си дадеме психолошки товар. Туку да играме убаво и секоја победа ќе биде предност пред реваншот во Литванија, додаде Лазаров.

А, кои се амбициите на Алкалоид во Европскиот Куп на ЕХФ?

Лигата на шампионите од секоја година е се посилна и тешко е да ја пратиме, иако се трудиме како македонски тимови. Истото се работи и за Лигата на Европа, каде играат Кил, Флензбург, Војводина, Нексе… Стратегијата на ЕХФ Купот е сите купови да бидат квалитетен, па така и овој трет куп по квалитет. И овде има добри и амбициозни тимови, како и екипи кои сакаат да одат што подалеку и да го освојат овој Куп. Ние ќе одиме чекор по чекор, без разлика со кого и да играме – ќе сакаме да поминеме и ќе одиме на победа, па дури и против поквалитетни од нас. Никого нема ниту да го прецениме, ниту потцениме, ама треба да одиме скала по скапа. Не бегам од фаворитската улога, но мора и треба да го респектираме секого, заврши Лазаров.

Натпреварот меѓу Алкалоид и Драгунас Клаипеда се игра во сабота со почеток од 19:00 часот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.