Време е секоја спортска федерација или Министерството за спорт во соработка со Министерството за внатрешни работи да формира независно тело (комисија) за обезбедување кредибилитет и интегритет на спортот како на теренот така и надвор од него, а инволвираните страни доколку се утврди било каква неправилност да одговараат кривично пред државата- смета Филип Додевски, членот на Управниот Одбор на ЖРК Куманово, кој поседува сертификат од специјализираната програма „Европски ракометен менаџер“ што ја организираше Европската Ракометна Федерација.

Ваквата реакција на Додевски доаѓа откако во меч од Купот на Македонија на дуелот меѓу Скопје и Гевгелија, во последните пет минути од средбата ракометарките си даваа автоголови, шутираа над голот или покрај, додаваа погрешно се со цел да не постигнат гол. Победникот од средбата од Купот требаше да продолжи понатаму, но со оглед на аутсајдерската улога веројатно и двете екипи веројатно не сакаа да прават дополнителни трошоци, околу организирање на нов меч или пак патување.

Тој додава дека Европската ракометна федерација реагирала уште во 2018 година за заштита на правичноста во ракометот, како и за обезбедување на интегритетот и кредибилитетот на спортот, како на теренот, така и надвор од него и создала платформа за откривање на било какви нерегуларности во ракометот.

Ваквa платформа (WHISTLEB) беше подржана од членките на европската ракометна федерација уште на конгресот во Глазгов во 2018 година, а иницијатор беше Ирската олимписка ракометна федерација. На кој начин функционира ваквата независна платформа (WHISTLEB)?
Прво ЕХФ сфаќа дека лицето кое што сака да пријави за некоја нерегуларност сака да остане анонимно, а следствено на тоа да се обезбеди и високо ниво на доверба меѓу анонимниот пријавувач и оној кој што ја прима вашата пријава (иницијатор на постапката).
Иницијатор на постапката е лице кое дејствува независно од било кое тело или комисија на ЕХФ и ќе го третира вашиот извештај без пристрасност. На сајтот report.whistleb.com си има инструкции како да ја испратите вашата пријава. Откако ќе ја испратите вашата порака, ќе добиете ID и лозинка на екранот. Иницијаторот на постапката ќе биде ваша директна точка на контакт и ќе се погрижи известувањето и сите дополнителни прашања да останат доверливи додека не се смета дека е неопходно да се преземат понатамошни чекори. При пријавата не мора да давате никакви лични или контакт информации доколку не сакате – објаснува серфистивираниот европски ракометен менаџер,

Тој додава дека според информации кои ги има оваа платформа успешно работи и има откриено неколку сомнителни обложувања во европскиот ракомет.

Затоа сметам дека доколку постои ваква комисија, независно тело или слично на ова може да се спречи уште пред да се случи било каква неправилност во спортот без разлика дали се вклучени спортистите, тренерите, судиите или било кој од спортските работници – објаснува Додевски.

Министерот за спорт, Борко Ристовски реагираше по скандалозниот натпревар во Купот на Македонија во женска конкуренција помеѓу Скопје и Гевгелија во кој во неверување двата тима постигнуваа голови во сопствената мрежа и намерно промашуваа обиди кон противничкиот гол. Тој веднаш најави дека на двата клуба ќе им биде одземена лиценцата за дејност спорт и не ќе можат да се натпреваруваат во домашниот шампионат, што и беше направено.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.