Екипата на Вардар ги почна подготовките за пролетниот дел од сезоната со новиот тренер Давид Дејвис, но без неколкумина играчи кои имаат обврски со своите репрезентации и ќе настапуваат на ЕП 2022 година во Унгарија и во Словачка.
Дејвис седнува на тренерската клупа на Вардар, но тој веќе беше дел од тимот и како помошник освои европска шампионска круна, титула во СЕХА лигата и двојна круна во домашното првенство. Сега ќе биде прв тренер и ќе го подготвува тимот за настап на три фронта: Во ЛШ, во СЕХА лигата и во домашното првенство.
Тимот останува во Скопје до одигрување на првите официјални натпревари, кои според сегашниот план би требало на бидат на почетокот на февруари. На собирот отсуствуваа оние што се со своите репрезентации и ќе настапуваат на ЕП: Томовски, Талески, Мишевски, Георгиевски, Стоилов, Валчак, Чувара, Гаџа, Ѓукиќ.
„Среќен сум што се вратив во Вардар. Го познавам јазикот, играчите, семејството добро го знае градот и едноставно ова е како враќање во вториот дом. Тие беа тука многу години и лесно се прилагодуваат. Вардар е одличемн тим, има историја, има се. Останувам тука шест месеци, ќе дадам се од себе, па потоа ќе видиме како ќе биде, вели Дејвис.
Заедно со Владо Недановски и Стојан Петрушевски ќе работат со тимот, а дополнително се очекува да пристигне и Венио Лосерт кој ќе биде тренер на голманите.
„Ќе работам со мојот помошник, но засега имаме доста отсутни кои се со репрезентација. Но, ќе работиме и ќе тренираме. Верувам дека можеме да направиме и подобри резултати. Подготовките ќе бидат малку поразлични, ќе уживаме малку повеќе, но секако ќе работиме многу ракомет. Ќе сакам да го внесам мојот систем и ќе треба вредно и напорно тренирање. Но, ќе има многу ракомет, малку во вежбална и малку трчање. Секако најмногу ракомет. Остануваме цело време во Скопје, вели Давид Дејвис.
Вардар има за играње уште четири натпревари од групната фаза од ЕХФ лигата на шампионите и се бори за влез меѓу 16-те најдобри, а наскоро треба да почне и СЕХА лигата. Во домашното првенство Вардар е лидер, и има уште шест кола од регуларниот дел од сезоната. Потоа продолжува разигрувањето за титулата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.