Еден од најдобрите ракометари во светот, Данецот Микел Хансен, ја заврши сезоната во ПСЖ откако заработил воспаление на вените во комбинација со белодробна емболија, објави клубот од Париз.

Минатата недела во Данска, Хансен беше опериран поради проблемите со коленото, а по враќањето во Франција се здобил со белодробна емболија – опструкција (блокада) на артериите предизвикана од згрутчување на крвта која пристигнува од длабоките вени на нозете до белите дробови. Бидејќи тромбовите го блокираат протокот на крв во белите дробови, белодробната емболија може да биде фатална.

Сепак, позитивна вест во целата ситуација е тоа што Хансен е надвор од животна опасност.

Хансен ќе биде надвор од терените најмалку четири до шест месеци затоа што болеста се третира како опасна, а третманот со антикоагуларна терапија не дозволува контактен спорт поради ризик од крварење.

Еден од најдобрите дански играчи на сите времиња, во својата богата кариера има олимписко и европско злато, две светски злата, а рекордни три пати беше прогласуван за најдобар ракометар во светот. Во неговите витрини единствено недостасува трофеј од Лигата на шампионите.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.