Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски и генералниот секретар на Одбојкарската федерација на Македонија (ОФМ), Зоран Карановиќ денеска потпишаа Меморандум за соработка за развој на спортскиот туризам и заедничка промоција на Европското првенство во одбојка за мажи во 2023 година од кое натпреварите во Групата Ц ќе се играат во Скопје од 30 август до 6 септември годинава.
– Спортскиот туризам е уште еден начин на патување кој станува сè попопуларен во светот. Луѓето се почесто патуваат за некој спортски настан на неколку дена и ги искусуваат туристичките понуди и атракции кои им ги нуди дестинацијата. Во таа насока и главните активности во периодот што следи ќе бидат насочени кон организирана промоција и поголема регионална и европска видливост на претстојното Европско првенство во одбојка 2023 (мажи). Ќе мотивираме што поголем број гости кои освен што ќе ги следат натпреварите, ќе имаат и можност да ги истражат и убавините на градот Скопје. Очекуваме голем број на Холанѓани, Данци, Црногорци, Полјаци и Чеси да го посетат главниот град, да доживеат незаборавни моменти пред, за време и по натпреварите.
Агенцијата за туризам на претстојниот саем во Берлин ќе започне со промоција на Европското првенство во одбојка 2023, односно натпреварите во Група Ц кои ќе се играат во Скопје. Во периодот што следи ќе имаме состаноци со туроператори и хотелиери за да пружиме максимална организираност за сите љубители на овој спорт, изјави директорот Јаневски.
Како што информираат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, во Групата Ц во Скопје, македонските одбојкари играат со светската одбојкарска велесила Полска, со Холандија и Чешка, кои се почитувани репрезентации со висок рејтинг, како и со Данска и со Црна Гора. Со нив ќе почне натпреварувањето во арената „Борис Трајковски“ од 30 август.
Идејата за заедничка соработка на ОФМ и Агенцијата за туризам е овој настан да добие туристички аспект, односно да се привлечат што поголем број на странски навивачи кои ќе ја посетат нашава земја во периодот додека се одржуваат натпреварите. Целта е на домашните и странските гледачи да им овозможиме целокупно уживање во елитна одбојка, а во тие рамки да им ја претставиме земјава како атрактивна спортско-туристичка дестинација.
– Посебна чест и задоволство е што денеска потпишавме Меморандум за соработка со Агенцијата за туризам, како државна институција која дава официјална и сериозна поддршка на Одбојкарската федерација на Македонија и на европскиот настан што не чека во месеците август и септември. Добро е што тргнавме од буквата “А” и се надевам дека и останатите институции ќе се вклучат за да од најдобра можна позиција го претставиме нашиот град, државата и овој спортски настан што не чека ова лето, изјави Карановиќ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.