Како претставници на вработените во секторот игри на среќа сме изненадени од најавата на г-дин Борко Ристовски дека спортистите кои рекламираат казина и обложувалници ќе бидат казнети од Министерството за спорт, со одземање на државната помош. Игрите на среќа се целосно легален економски сектор кој со своите инвестиции позитивно влијае на целокупниот развој на македонската економија.

Сакаме да го потсетиме Министерот Борко Ристовски дека годишниот приход во Државниот Буџет од сите приредувачи на игри на среќа достигнува до 280 милиони евра, од кои 1,5 проценти директно се слеваат во Министерството за спорт, дополнителни 1,5 проценти во Министерството за здравство.

Доколку смета дека треба да им одземе државната помош на спортистите кои рекламираат игри на среќа, дали г-дин Ристовски индиректно најавува дека неговото министерство ќе се откаже од приходите од игрите на среќа или можеби и Владата ќе се откаже од годишните приходи од оваа индустрија? Дали ќе ги повика и спортските клубови кои се спонзорирани од светски познати брендови од секторот игри на среќа да ги раскинат спонзорските договори?

Истовремено, треба да земе предвид дека вкупно гледано, сите приредувачи на игри на среќа се најголем приватен работодавец во приватниот сектор со директни 10 илјади вработувања. Ако за Министерот за спорт е неетички спортисти да рекламираат игри на среќа, тогаш каква порака им испраќа на вработените и нивните семејства, дека можеби работат во сектор кој Владата сака да го забрани?

Сметаме дека ваквите најави се апсолутно непотребни во услови кога голем број приредувачи на игри на среќа манифестираат висок степен на општествена одговорност, и надвор од законски предвидените финансиски обврски, со голем број на спонзорства и донации директно го финансираат спортот како основен предуслов за правилен развој на младината. Со вакви чекори Министерот за спорт делува дестимулирачки и кон приватните компании од други сектори кои треба да се приклучат на приредувачите на игри на среќа во спонзорирањето на македонскиот спорт.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.