Трета година по ред во Општина Лозово се организира атлетска трка насловена маратон „11 Октомври“, која се организира во чест на празникот. Се работи за четири различни трки., на кои покрај возрасните мажи и жени можат да учествуваат и деца и млади од седум до 18 години. Главната трка, за возрасните на 15 километри ќе изнесува 120 минути од стартот на трката.

Градоначалникот на Општина Лозово Бошко Цветковски информира дека за разлика од другите трки во земјава и оваа трета година за оваа трка не се плаќа котизација, туку трката е бесплатна за сите учесници. Заинтересираните може да се пријават на телефонот на 032/ 458-458 или во порака на официјалната ФБ страна на организаторот.

Патеката за трката маратон „11-ти Октомври“ Лозово 2024 е кружна, при што учесниците на трката на 15 километри трчаат еден круг. Стартот и целта на патеката е на ул. „Маршал Тито“ бб Лозово, пред поштата и патеката опфаќа локални асфалтирани и земјени патишта кои поминуваат низ населени места по следниот редослед: Лозово, Милино, Каратманово, Дорфулија, Лозово. Со оглед на тоа што патеката е со должина од 15 километри, освежителни станици ќе има поставено на повеќе локации долж патеката.

Оваа година ќе бидат опфатени четири различни трки и тоа на 15.000 метри, на 100 метри, на 200 и на 400 метри.

Првата, односно главната трка на 15.000 метри ќе започне во 10:00 часот и ќе биде за возрасни учесници, трката на 100 метри ќе започне пет минути подоцна и на неа учество ќе можат да земат деца од седум до 10 години, потоа на 200 метри ќе се натпреваруваат деца од 11 до 14 година и нивниот старт ќе биде во 10:20 часот и на 400 метри за тинејџерите од 15 до 18 години со старт во 10:40 часот.

Организаторите појаснуваат дека при евентуални промени во термините за старт сите учесници ќе бидат известени преку официјалниот фејсбук профил на организаторот. На крајот од трката предвидени се и награди за најбрзите тројца учесници во трката на 15 километри во две категории, мажи и жени.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.