Македонскиот велосипедски спорт во името на Дуња Иванова првпат има свој претставник на Европско првенство во Маратон кое ќе се одржи во Виборг, Данска.
На 18. август, Виборг, градот домаќин на Европското првенство во планински велосипедизам Маратон, ќе биде сцената за најдобрите натпреварувачи во машка и женска конкуренција.
Иванова, како претставник на Велосипедската федерација на Македонија, ќе стартува во елитната женска сениорска категорија во конкуренција со најсилните претставници на националните тимови на сите европски земји. Дистанцата од 75км и 1800м висинско искачување која ја најавува организаторот, од возачите ќе бара подготвеност за брзи и технички козји патеки и прилагодување кон различни подлоги на теренот.
Задоволство е да се почувствува свежина и подготвеност во Велосипедската федерација на Македонија за поддршка кон иницијативите на клубовите и нивните возачи, зашто токму оттаму потекнува и фундаментот за постоење на овој спорт воопшто. Со голема посветеност и низа сериозни настапи и резултати во Германија, Италија, Шпанија, Грција, Србија кои се зад нас како дел од оваа натпреварувачка сезона, сега нашиот фокус е кон натпреварот во Виборг. Посакуваме да имаме добар ден, малку среќа и успех за кој знаеме дека неминовно доаѓа како резултат на нашата посветеност, вели Љубиша Кондев, тренер и еден од основачите на ВК Енерџи.
Дуња Иванова е државен првак во планински велосипедизам, со бројни домашни и меѓународни подиуми.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.