Маратонците на 17-тиот ултрамаратон во чест на Тоше Проески пристигнаа во Нова Градишка, Хрватска и во попладневните часови ќе го почнат ултрамаратонот кој од Нова Градишка, преку Србија, во Македонија, на 16 октомври напладне треба да го завршат во Крушево, на 17-годишнината од трагичното загинување на нашата и балканска музичка ѕвезда Тоше Проески. Тоше загина на 16 октомври 2007 година во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, Хрватска.

Маратонците вчера пристигнаа во Загреб, Хрватска. Беа пречекани од претставниците на македонското друштво, а во македонската православна црква во Загреб, ги пречека протојереј ставрофор, отец Кирко Велински и се одржа света литургија за помен на Тоше.

Му се заблагодаруваме на отец Кирко кој сите овие години ни дава посебна енергија за исполнување на нашата цел. Воедно посебна благодарност и од фановите на Тоше во Хрватска кои не забораваат да ја укажат почита кон Тоше, вели Наум Капричевски кој го води овој ултрамаратон сите изминати години.

Како што информира Капричевски, во 16:30 часот 14-те ултрамаратонци ќе положат свежи цвеќиња на спомен-обележјето посветено на Тоше во Нова Градишка, а од 17 часот ќе го почнат годинашниов Ултрамаратон. Цела Хрватска ќе ја поминат штафетно, низ Србија ќе се возат со возила, и се очекува утре, на 15 октомври околу 13 часот да пристигнат на граничниот премин Табановце и да влезат во Македонија. Утре околу 18 часот, маратонците ќе бидат на плоштадот во Скопје, а потоа од 20 часот го продолжуваат ултрамаратонот. Ќе поминат кај Велес, Градско, Росоман, Прилеп за на 16 октомври, в среда напладне да пристигнат во Крушево. Во родниот град на Тоше ќе бидат пречекани од учениците од основното и средно училиште кои ќе даруваат 500 рози во чест на Тоше Проески. Крајната цел на маратонците е вечното почивалиште на Тоше Проески, споменичното обележје на Гумење во Крушево.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.