По двонеделната сага во Австралија, српскиот Новак Ѓоковиќ денес околу пладне слета на аеродромот во Белград. Враќањето во Белград на српскиот тенисер предизвика голем интерес. На аеродромот „Никола Тесла“ беа присутни стотина новинарски екипи, како и навивачи кои дојдоа да му изразат поддршка на својот омилен спортист.

Новак замина од аеродромот без да даде изјава, заобикулувајќи ги присутните. Како што шпекулираат српските медиуми, тој со следен авион ќе замине за Шпанија каде се наоѓа неговото семејство.

Ѓоковиќ кој од Мелбурн преку Дубаи се врати во Белград, дозна дека и на Ролан Гарос ќе можат да играат само вакцинирани тенисери, па Србинот се соочува со пропуштање и на Грен слемот во Париз.

Претходно, австралискиот министер за имиграција Алекс Хоук, на 14 јануари донесе одлука и објави дека визата на Ѓоковиќ е укината по втор пат. Како одговор, Србинот повторно се жалеше до Федералниот суд на Австралија, но жалбата не му беше прифатена.

Според австралиската влада, присуството на Ѓоковиќ во земјата е јавна закана, бидејќи за многумина, особено за луѓето кои не сакаат да се вакцинираат, тој е икона и пример.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.