Тимот на Алкалоид го освои второто место на Европскиот клупски куп во шах што се играше во Врњачка Бања.

Во последното, седмо коло, шахистите на Алкалоид го одиграа својот најдобар меч, и убедливо тријумфираа над францускиот Шартре со 5:1.

Арјун Еригаиси на првата табла ремизираше со легендарниот украински шахист Василиј Иванчук, кој во минатото исто така играше за „фармацевтите“. Со црни фигури беше и С. Л. Нарајан на петтата табла кој го подели поенот со Максим Лагард. На останатите четири табли беа извојувани убедливи победи: Веи Ји го совлада Маркандрија Маурици водејќи ги белите фигури на втората табла, а неговиот сонародник Јангји Ју со црните триумфираше против Лорен Фресине. На четвртата и шестата табла Читамбарам Аравинд со бели освои цел поен против Даниел Дарда, додека Александар Инѓиќ го заокружи настапот со уште една победа, овојпат против Кристијан Бауер.

Триумфот во последното седмо коло им донесе два бода на играчите на Алкалоид, со што тие стигнаа до вкупно 12 бода. Турнирот го завршија со пет победи, два нерешени резултат и без пораз.

Првото место го освои Нови Бор од Чешка со 13 бода.

За ШК Алкалоид ова е трет пат како е остварен пласман меѓу првите две екипи на Стариот континент, при што во 2016 година Алкалоид беше Европски шампион, а во 2017 година беше освоено второто место.

Успехот на екипата е резултат на одличната игра на сите шахисти, од кои најголем дела освоија и медали за индувидуални резултати.

Еригаиси играше извонредно на првата табла и освои златен медал, како и Ју Јангји на третата табла. Александар Инѓиќ на шестата табла освои сребрен медал, а Аравиндитх Читамбарам на четвртата табла стигна до бронзениот медал.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.