Семејството на Михаел Шумахер најави правна постапка против германски неделник поради наводно „интервју“ со легендарниот шампион во Формула 1, генерирано со вештачка интелигенција (АИ).

Познатиот „Шуми“ не се појавил во јавноста откако доживеа тешка повреда на мозокот во несреќа на скијање на семеен одмор на француските Алпи во декември 2013 година. Оттогаш, семејството ја чува неговата приватност, а само најблиските имаат пристап до Шумахер. За неговата состојба се објавуваат малку информации.

Сепак, во весникот „Ди Актуеле“ (Die Aktuelle), осамна насловна страница со слика на седумкратниот шампион на Ферари, насмеан и со ветувачки наслов: „Михаел Шумахер, прво интервју“, истакнувајќи дека „звучи реално“.

Потоа испадна дека цитатите се генерирани од АИ.

Во документарец од 2021 година, сопругата на Михаел – Корина Шумахер, истакна дека живеат заедно во нивниот дом, дека тој оди на терапија и дека прават сѐ за животот да му биде подобар и удобен.

Се обидуваме да продолжиме како семејство, онака како што сака Михаел. И ние продолжуваме со нашите животи. Приватното е приватно, како што секогаш велеше. Многу ми е важно тој да продолжи што повеќе да ужива во приватниот живот. Михаел отсекогаш нѐ штител, па сега и ние го штитиме Михаел, изјави Корина.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.