Нова програма за субвенционирање врвен спорт, која ќе ги опфати сите спортски федерации и клубови кои се натпреваруваат во Европа, обезбеди Министерството за спорт од државниот буџет, информира денеска на прес-конференција во Влада, ресорниот министер Борко Ристовски.
Тој посочи дека финансиските средства за таканаречениот ваучер систем се обезбедени преку државниот буџет, што, како што рече, не било случај во претходната влада. Најави дека следната недела ќе објават повик за финансирање врвен спорт, на кој ќе можат да се пријават сите федерации или екипи кои се натпреваруваат во Европа, за што биле предвидени околу 85 милиони денари.
– Наредната недела ќе бидат објавени повиците кои ќе важат за сите спортски федерации и клубови кои се натпреваруваат во Европа. Ќе биде еден значителен финансиски инпут и за сите спортски федерации и за сите спортски клубови кои се натпреваруваат во Европа. Министерството за спорт изминатите два месеци работеше напорно. Направивме неколку измени на закон, со кои критериумите од т.н. ваучерски систем во најголем дел ги тргнавме. Она што значеше корупција во тој систем го тргнавме од вреднувањето на добивање на финансиски помош од државата, истакна Ристовски.
Според Национална стратегија за спорт, нагласи, најголем дел во финансирањето ќе ги носат четири федерации, кои и носат најголеми успеси на Македонија.
– Македонија од сега па натаму ќе живее еден поинаков финансиски свет, ќе живее една поинаква финансиска помош во спортот, која ќе значи вложување во спортот вложување во млади и во врвниот спорт. Нема да бидат заборавени сите гранки. Целта е развој на врвниот спорт, поддршка на младите таленти во државата како на домашен така и на меѓународен план, рече Ристовски.
Две недели по добивањето на средствата за врвен спорт, информира дека ќе следува и финансиска помош од државата која се нарекуваше ваучерски систем, но сега ќе се нарекува поинаку.
– Навистина доаѓаат поубави времиња за спортот, времиња во кои ќе се вреднуваат вистинските вредности. Времиња во кои Македонија ќе се грижи за спортот и за своите чеда. Нема да дозволиме никаква корупција во спортот и сите средства кои се наменети од државата и сите субјекти кои ќе ги добијат ќе бидат строго контролирани. Сите средства кои ќе ги добијваат таканаречените спортски надежи ќе бидат строго контролирани и нема да дозволиме повеќе средствата од државата да се трошат за небитни работи, подвлече министерот за спорт.
На новинарски прашања за трансформацијата на вработени од поранешната Агенција за млади и спорт во Министерството за спорт, како и за доцнењето на стипендиите на спортистите со меѓународни успеси, Ристовски кажа дека се работи за правен вакум и оти денеска биле исплатени заостанатите плати за јуни и јули, а од наредната недела ќе била исплатена и августовската. И стипендистите, нагласи тој, од наредната недела ќе ги добијат заостанатите средства на сметка, а од следниот месец исплатата ќе одела тековно.
Во однос на случувањата во Кошаркарската федерација, рече дека Министерството нема да се меша во внатрешните работи на ниту една федерација, но оти во најбрз рок ќе испратат инспекција која треба да ја утврди фактичката состојба.
-Изјавите на селекторот се доста загрижувачки и ќе направиме се што е во нашт моќ. Во најбрзо време ќе испратиме инспекција во Федерацијата да видиме дали тврдењата на селекторот се точни и дали се потрошени сите средства кои ги добиваат федерациите од државата на вистинско место. Доколку се утврди било каков пропуст од Кошаркарската федерација верувам дека ќе бидат санкционирани. Како Министерство нема да дозволиме никој да се поигрува прво со младите дечиња, иднината на Македонија и со средствата од граѓаните, истакна Ристовски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.