Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ги прими македонските олимпијци кои ќе настапат на Летните олимписки игри што ќе се одржат од 26 јули до 11 август во Париз.

На средбата, претседателката Сиљановска Давкова беше информирана за финалните подготовки на македонскиот олимписки тим, како и за очекувањата од претстојните натпревари.

Претседателката Сиљановска Давкова на македонските олимпијци им го врачи државното знаме, што ќе биде развиорено на отворањето на олимписките игри и им посака успешен настап на најграндиозниот и најпрестижниот спортски настан.

„Вие, како македонски спортски амбасадори, со гордост и достоинство бранете ги боите на нашата земја. Ви посакувам успешен настап и достојно претставување во Париз. Јас и сите македонски граѓани сме со вас и навиваме од срце“, им порача претседателката Сиљановска Давкова.

Осврнувајќи се на континуираната заложба и посветеност на македонските спортисти, претседателката ја нагласи потребата како заедница, како држава, да направиме сè за да ги поддржуваме спортистите, да работиме на стручноста на тренерските тимови, подобрувајќи ги севкупните спортски услови во македонското општество.

На Летните олимписки игри во Париз ќе отпатуваат шест македонски спортисти: Владимир Егоров – борење, Никола Ѓуретановиќ – пливање, Анастасија Мојсовска – стрелаштво, Еди Шерифовски – џудо, Милијана Релиќ – таеквондо и Дарио Ивановски – атлетика. Македонското знаме на свеченото отворање ќе го носат Ивановски и Релиќ.

На средбата присуствуваа и членови од раководството на Македонскиот Олимписки Kомитет, тренери и спортски судии.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.