На најголемата спортска манифестација во Македонија, Виз Ер Скопски маратон, в недела, на први октомври, на 19. издание ќе трчаат повеќе од 11.000 учесници, соопшти денеска на прес-конференција организаторот на настанот.
Заклучно со 20. септември, системот за пријавување на учесници брои точно 11.079 пријавени.
На Виз Ер Скопскиот маратон се трчаат следниве трки: маратон (42.195 км), полумаратон (21.097 км), штафетен маратон, „ЕУ за спорт“ (10км – 11км – 10км – 11км), како и трката за рекреативци на 5 км, која е и најмасовната трка од сите и ќе започне точно во осум часот.
Организаторите апелираат до сите тркачи добро да се информираат од која страна да пристапат во недела на стартната линија, затоа што ќе има разминувачки старт.
Бројките мора да кажам дека нѐ изненадија, бидејќи минатата година имавме околу 8.000 учесници. Не очекувавме волку голем интерес. Сѐ уште сме далеку од онаа бројка од 2019 година, кога имавме 12.500 учесници, но сепак бројот на учесници е огромен. Патеката на трката останува иста како и минатата година. Истата е сертифицирана од Светска атлетика и од Меѓународната асоцијација на улични трки и маратони – АИМС. Тоа значи дека сите резултати и рекорди ќе бидат признати, а оваа година сме пред олимписка година, така што важно е за сите учесници резултатите да им бидат валидни. Покрај тоа, оваа година се враќаат повторно и државното првенство во организација на Атлетската Федерација на Македонија во маратон и ќе ги имаме најдобрите македонски натпреварувачи на патеката. Ги повикувам сите Скопјани, во што поголем број да излезат на улиците и да ги бодрат маратонците, рече изјави Кире Синадиновски, директор на трката.
Голема помош на целосната организација даваат и сите пријавени волонтери, кои ќе бидат вклучени во реализацијата на овогодинешното издание, но секако и сите поддржувачи и покровители на овој голем настан.
Едно од успешните имиња во македонската атлетика е секако Дарио Ивановски, кој во недела очекува нов рекорд.
Можам да кажам дека сум во одлична, врвна форма, тоа си го докажав пред неколку недели, кога станав балкански шампион на полумаратон и од тој момент со тој резултат верувам дека можам да постигнам нов државен рекорд и дека ќе го извадам најдобриот резултат за да се пласирам на Олимписките Игри во Париз. Многу ми е мило што ќе биде државно првенство, што имаме шанса да се покажеме пред најблиските и ги поканувам сите да дојдат и да навиваат, бидејќи ова е денот за нас, ова е денот кадешто јас можам да покажам како работам напорно секој ден, сѐ посилно и посилно до наредните цели, изјави најдобриот македонски маратонец Дарио Ивановски.
Синадиновски ги потсети сите тркачки и тркачи за подигнувањето на стартните пакети.
Од утре почнува издавањето на стартните пакети за сите учесници во Спортскиот Центар Јане Сандански, во петок и сабота, од 10 до 20 часот, а ги повикувам и сите граѓани да дојдат, затоа што ќе има еден мини спортски саем, кадешто дел од нашите партнери и други заинтересирани компании ќе ги претстават своите производи и тука ќе се подигнуваат и стартните пакети. А во сабота вечер, во 19 часот, заедно во соработка со Италијанската Амбасада во Скопје, организираме и една мала забава, „Pasta Party“, којашто е вообичаена за сите маратони во светот, па затоа ги повикувам и сите заинтересирани да дојдат на таа забава. Еден купон за паста ќе чини 100 денари, но сите собрани средства ќе одат во хуманитарни цели, во здружението „Проект Среќа“, дополни Синадиновски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.