Кенискиот атлетичар и поранешен африкански шампион во 3.000 метри стиплчез Клемент Кембои (32) е пронајден мртов, објавија денеска локалните медиуми.
Тоа е нова смрт во кениската атлетика, само два дена откако почина 26-годишниот Кипјегон Бет, кој освои бронзен медал на 800 метри на Светското првенство во 2017 година. Бет почина во неделата од здравствени компликации кои предизвикаа откажување на бубрезите и црниот дроб.

Причината за смртта на Кембои сè уште не е официјално потврдена, иако локалната полиција најави дека најверојатно станува збор за самоубиство. Неговото мртво тело било пронајдено врзано за дрво во близина на средно училиште. Кениските медиуми претходно пишуваа дека Кембои минува низ тежок период на депресијата и оти овој успешен спортист се борел со зависноста од коцкање.

Ова е петти смртен случај во кениската атлетика во последниот еден месец. Претходно починаа и 53-годишниот Самсон Канди, поранешен победник на Виенскиот маратон, 20-годишниот тркач Вили Челава и 64-годишниот Елаја Биток.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.