Трикратниот БМУ шампион, Христијан Бузалковски, вчеравечер пред неговата публика го промовираше новиот мотор и ја најави новата сезона. Тој во новата сезона ќе се натпреварува во класата до 1000 кубни сантиметри, што за него и неговиот тим „71 Team“ ќе биде ново и поразлично искуство од досегашните натпреварувања.
Новиот мотор располага со 200 коњски сили и правен е по спецификацијата Superstock 1000, што значи дека има промена во електрониката, суспензијата, предната кочница и преносот. Бузалковски во новата сезона ќе биде дел од FIM Europe шампионатот во класата Superstock 1000, БМУ Европскиот шампионат и Алпе Адриа интернационалниот шампионат. Од мај до септември го очекуваат 24 трки, густ распоред и многу патувања низ земјите на Источна и Централна Европа.

Оваа сезона ќе настапиме во една класа погоре, до 1000 кубни сантиметри, ова ќе ни биде прва сезона во новата категорија, така да ќе има многу промени во моторот на кои ќе треба да се адаптираме. Потребно ќе ни биде време за адаптација на новитетите во моторот, но со големиот број на трки во сезоната верувам дека за кратко време ќе се адаптираме. Сакам да им се заблагодарам на Компанија Велкоски кои од моите почетоци се моја поддршка. Исто така сакам да се заблагодарам и на останатите спонзори, како и Агенцијата за млади и спорт и Мотоциклистичката федерација. Сакам да најавам дека во секоја трка ќе го дадам максимумот, заедно со мојот тим и ќе се потрудиме да се претставиме во што подобро светло, изјави Христијан Бузалковски.

Досега освоените титули на Бузалковски се во пониските класи од БМУ Европскиот шампионат. Првата ја освои во категоријата до 125 кубни сантиметри, додека следните две титули кои ги освои по ред се во класата до 600 кубни сантиметри.

Решително, храбро и со многу ентузијазам и во оваа нова 6та сезона, а и во годините што доаѓаат Христијан Бузалковски ќе ги брани боите на Македонија. Нашата земја заслужува да има шампион во брзински мотоциклизам кој ќе ја претставува на европските и светски патеки.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.