Најдобриот светски тенисер денеска ќе игра во финалето на турнирот во Рим против Стефанос Циципас, откако во вчерашното полуфинале беше подобар од Каспер Руд (6-4, 6-3), што за него беше јубилејна победа број 1.000 во досегашната кариера.

Со тоа, Србинот стана само петти во историјата кој успеал да ја мине оваа магична граница, заедно со Џими Конорс, Роже Федерер, Иван Лендл и Рафаел Надал, поради што веднаш почнаа да му пристигнуваат честитки од сите страни на светот. Но, ептен изненадувачки, првата дојде до турнирот од каде што беше исфрлен како „партал“ на почетокот на годината – Австралија опен. Тоа предизвика шок кај српските медиуми, знаејќи низ што се мина Ѓоковиќ во Австралија, каде што беше притворен, па мораше на суд да се бори за своите права, за на крајот да биде депортиран поради тоа што влегол невакциниран против коронавирусот.

Српскиот тенисер својата големина ја покажа и со реакцијата на добиената честитка од веќе омразениот гренслем-турнир, на која се заблагодари само со користење емотикони. Но, тоа не беше пречка за неговите навивачи да остават илјадници коментари за негова поддршка и со напади на челниците на турнирот за немање срам да честитаат после сето тоа што му направија на нивниот миленик на почетокот од годината.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.