Здружението на тениски професионалци (АТП) изрази вечерва несогласување со одлуката на организаторот на најпрестижниот грен – слем турнир Вимблдон да им забрани настап на руските и белоруските играчи поради инвазијата врз Украина.

– Нашиот спорт се гордее со функционирањето врз принципите на заслужен и фер успех каде играчите се натпреваруваат како поединци и го обезбедуваат својот настап на турнирите врз основа на постигнатите резултати. Веруваме дека денешната еднострана одлука на организаторите на Вимблдон и Британската тениска федерација не е фер и постои можност дека ќе постави темел за разорен преседан, соопшти АТП.

Во соопштението, како што пренесува агенцијата Бета, се нагласува дека одлуката за исклучување на руските и белоруските тенисери е во спротивност на договорот меѓу АТП и Вимблдон.

– Дискриминацијата врз национална основа, исто така, претставува кршење на нашиот договор со Вимблдон според кој настапот на играчите на турнирот се базира исклучиво врз постигнатите резултати. Притоа, важно е да истакнеме дека руските и белоруските тенисери и натаму ќе можат да настапуваат на АТП турнирите без национални обележја. Паралелно со тоа, ќе продолжиме со хуманитарната поддршка за Украина, порача АТП.

И официјална Москва ја осуди одлуката на Вимблдон да мине без настап на руски тенисери, како дел од меѓународните санкции поради инвазијата врз Украина.

Портпаролот на Кремљ, Димитриј Песков, рече дека е неприфатливо на руските тенисери да им биде забранет настап на Вимблдон.

Уште еднаш руските спортисти се држат како заложници на политички предрасуди и политичките интриги. Ова е неприфатливо, изјави Песков.

Тој додаде дека таквата одлука ќе влијае и врз самото натпреварување, бидејќи Русија има неколку тенисери на врвот на светската ранг-листа во машка и женска конкуренција.

Изјавата на Песков доаѓа откако британските медиуми претходно денеска најавија, а организаторите попладнево официјално потврдија дека одлучиле да им забранат на руските и белоруските играчи да настапат на Вимблдон, кој е на програмата од 27 јуни до 10 јули.

Таквата одлука ќе има особено влијание врз вториот светски рекет Дмитриј Медведев и белоруската тенисерка Арина Сабаленка, кои лани беа полуфиналисти во Вимблдон.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.