Антонио Ристевски, тренерот на македонскиот скијач и олимпиец Дардан Дехари му одговори на претседаттелот на  Скијачката федерација на Македонија Огњан Циговски кој го прозва зошто не се појавува на работа. Минатата недела поранешниот македонски скијач се пожали дека од федерацијата му бараат да поднесе оправдание зошто не е на работа, додека тој како тренер на Дардан Дехари се наоѓа на ЗОИ во Пекинг.

Следуваше одговор од претседателот на федерацијата Циговски, по што Ристевски се пронајде како повикан да му возврати, велејќи дека не може да поверува на синдромот да го мразиш успехот на репрезентативците.

Во продолжение ви го пренесуваме целото соопштение на Ристевски.

Почитувана јавност, принуден сум на ваков начин да се бранам од клеветите на самопрогласеното водство на СФМ. Многу е тешко да се брани спортот од приучени личности кои немаат допирна точка со тренажен процес и исполнување спортски норми за учество на светски ски натпревари. Недозволиво е Циговски да ги девалвира спортските успеси на македонските репрезентативци. Ај што речиси 1 година не ни прашал каде се и што им треба, па уште и ги навредува и ги нарекува неспособни. Македонија е мала земја која се бори за свое место под олимпискиот оган. Делењето на “мои” и “туѓи” скијачи е уништување на спортот со умисла. Еве ги фактите! Најдобрите наши скијачи во моментов, A-репрезентацијата ,заедно со мене како тренер, во последнава сезона до сега имаме реализирано повеќе од 160 активни денови на физички потготовки, 90 дена на снег со повеќе од 120 дена поминати надвор од Државата. Учествувавме на 22 FIS меѓународни натпревари, од кои 8 во Италија, 2 во Франција, 4 во БИХ и 8 во Црна Гора. Постигнавме одлични резултати и повторно ја исполнивме нормата за алпската А репрезентација на СФМ и олимписката норма за учество на ЗОИ во Пекинг. Сето ова го сторивме со НУЛА денари помош од СФМ! На официјалната интернет страна на FIS лесно се проверуваат резултатите. Јас сум подготвен да преземам одговорност за овој учинок, но клучната дилема е дали Циговски е подготвен да преземе одговорност за своето поведение. Македонскиот спорт видел се’ и сешто изминативе 30 години. За да си на чело на било која спортска федерација треба да го сакаш спортот, да обединуваш и да си спремен да даваш, а не да мислиш само на земање. Каков е тој синдром, да го мразиш успехот на репрезентативците само заради тоа што знаат колку си неспособен? Ние спортистите сме издржале многу, ќе ги издржиме и овие сегашниве залутани епизодисти во спортското скијање. Порано или подоцна вистината секогаш победува, стои во соопштението на Ристевски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.