Австралискиот ММА борец со македонско потекло, Александар Волкановски, го победи Кореецот Чан Сунг Јунг на УФЦ 273 доаѓајќи до технички нокаут по нецела минута во четвртата рунда, со што го задржа шампионскиот појас во перо категорија.

33-годишниот Волкановски (24-1) ја продолжи својата професионална победничка серија на 21 триумф по ред, вклучително и 11-0 во конкуренција на УФЦ.

Премногу добар. Во моментов сум на друго ниво и не можат да ме запрат – извика Волкановски во октагонот откако беше означен карајот на борбата, велејќи дека очекувал порано да биде означен крај на бробата.

„Александар Велики“ зададе повеќе од ударите во борба која изгледаше дека може да заврши многу порано отколку што всушност заврши. Волкановски беше значително побрз од Јунг и во рингот претстави клиника за мешани боречки вештини.

Јунг, познат како „Корејскиот зомби“, доби многу удари, беше крвав и се бореше да дише по првите три рунди. Тој инсистираше дека сака да продолжи, но судијата ја прекина борбата по 45 секунди во четвртата од петте предвидени рунди.

Се чувствував како да удирам во ѕид кој не можев да го надминам – изјави Јунг.

Ова за 35-годишниот Јунг беше прва борба за титулата од 2013 година. Тој помина 3.171 ден помеѓу шансите да се бори за шампионскиот појас во перо категорија.

По завршувањето на борбата, тој падна на подот, а подоцна преку преведувач најави дека размислува за пензионирање.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.