Министерството за спорт ќе додели нова државна помош од околу 100 милиони денари кои ќе биде наменета за поддршка на женскиот спорт и за поддршка на млади таленти во индивидуалните спортови, соопшти министерот Борко Ристовски во вчерашното гостување во Дневникот на ТВ Сител.

-Покрај 550 милиони денари кои се доделуваат како субвенции, веќе во декември ќе има нова државна помош за спортот од околу 100 милиони денари за која се одлучивме да биде малку поинаку распределена. Околу 50 проценти од тие пари ќе одат за развој на женскиот спорт што е огромен чекор бидејќи во минатото не постоело такво нешто. Сакаме нивото на женскиот спорт да го приближиме до нивото на кое е машкиот спорт. Ако во минатото во женскиот спорт одеа 19 проценти, сега ќе го покачиме тоа ниво на 25 проценти. Тоа можеби не е многу како бројка, но тоа е еден значаен исчекор напред. Сакаме да стигнеме до некоја прифатлива бројка каде што машкиот и женскиот спорт ќе бидат изедначени – посочи Ристовски.

Другиот дел од средствата ќе бидат наменети за поддршка на млади таленти во индивидуалните спортови од кои на краток и на среден рок се очекува подобрување на резултатите, а на долг рок олимписки норми.

-Во распределбата на средства во декември ќе имаме и поддршка на млади таленти во индивидуалните спортови, сите оние на кои им треба финансирање на програма. Преку федерациите тие ќе поднесат програма и план за работа во наредната година, со конкретни бројки и со конкретни резултати што ќе треба да ги постигнат доколку ја добијат таа помош и ќе бидат комплетно финансирани од страна на Министерството за спорт. Тоа е уште еден чекор плус за повторно да видиме успеси во индивидуалниот спорт бидејќи како што досега стоеја работите, овие спортисти речиси и да немаа никаква помош од државата, освен онаа основна помош што ја добиваат од матичните федерации што е премалку доколку сакате да направите успех на олимписки игри, на светско или на европско првенство. Министерството за спорт ќе инвестира голема сума на средства и во индивидуалните спортови. Мислам дека на краток и на среден рок ќе видиме подобрување на резултатите. И што е уште поважно, на долг рок, Македонија ќе мора конечно да избори норма и за олимписки игри, а не да биде тоа само настап со вајлд карта – истакна министерот Борко Ристовски.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.