Македонскиот кошаркарски репрезентативец Кристијан Николов и покрај вечерашниот пораз од Литванија (67-82) во евроквалификациите, истакна дека е задоволен од покажаниот карактер на теренот и изрази надеж во подобар резултат на реваншот в недела.
Беше навистина тежок натпревар за нас бидејќи ни недостигаа неколку момци. Дадовме сè што можевме, верувам дека ќе бидеме уште подобри на следниот натпревар и се надевам на подобар резултат на гостувањето во Литванија, изјави Николов.
Репрезентативниот бек беше најефикасниот македонски кошаркар, завршувајќи го дуелот против Литванците со 18 поени на кои додаде и шест асистенции.
Тие поставија некоја агресивна игра од самиот старт, судиите им го дозволија тоа. Јас играв тоа што ни го даде одбраната, соиграчите многу ми помогнаа. Се играше со многу контакт, задоволен сум што покажавме карактер, се надевавме на победа, но за жал она што го покажавме не беше доволно, додаде Николов по натпреварот.
Со овој пораз Македонија значително ги намали шансите за пласман на Евробаскетот 2025 пред завршните три дуели во рамки на квалификациската група Х.
Пред избраниците на селекторот Александар Јончевски в недела е реваншот против Литванија во Клеипеда, пред дуелите во февруари идната година против лидерот во групата Естонија и Полска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.